Имплементирање на игри во училиштата со употреба на лего- коцки, градење капацитети за екологија низ игра е темата на тренингот за наставници кој се одржува во Лајпциг во рамките на Еразмус+ програмата. На тренингот свое учество земаат наставници од пет земји Кипар, Германија, Португалија, Данска и Македонија, а како претставник од Охрид е наставничката Наташа Неданоска од ООУ „Кочо Рацин“- Охрид.
Целиот процес се одвива во 6 модули, со по три изведби, експерименти. Секоја земја се претстави со по еден модул во првиот модул темата беше „Теоријата на Иан МекХарг за планирање на животната средина“, во вториот „Дрва и шуми“, во третиот модул се зборуваше за урбана мобилност, здравствени придобивки од урбаната екологија и поврзување со човековата природа, четвртиот модул беше посветен на грижа за водата, во петтиот модул, кој го претстави тимот од нашата земја, се зборуваше за Конекција на животните при нивна миграција- посебно за бенефитот од поленаторите и во последниот, шести модул се говореше за урбана агрокултура, вели Неданоска.
Секој модул траеше по три часа, поделен на три дела, вели Неданоска, која учествуваше во презентација на модул 5, а екипата од Македонија ја дополнуваат и наставнички од други градови, Емилија Несторова, Валентина Тодорова и Здравка Охомус.
Во првиот дел беа дадени објаснувања за темата и дискусија за истата, во вториот дел се претставуваше прирачникот произлезен од тестирани работилници со ученици подготвен прегледно во презентации, а во третиот дел се преминуваше врз практична примена, градење со лего-коцки и учење низ игра, со поставување задачи и цели, па претставување на изработката и извлекување заклуок, додава Неданоска.
На овој настан присуствуваа по иницијатива на здружението Еко Логик со кое сите имаат долгогодишна успешна соработка, а тренингот е во рамките на Еразмус+ Програмата под наслов „Дизајнирање со лего- коцки: Екоградови на иднината“.
Н.С.Ј.
















