М-р Вера Зороска, наставник по физика и наставник-советник во ООУ „Христо Узунов“ – Охрид, е меѓу добитниците на признанието „Просветен работник на годината“ за учебната 2025/2026 година. Признанието ѝ е доделено во категоријата основно образование – предметна настава.

Признанието претставува потврда за долгогодишната посветеност на м-р Зороска на воспитно-образовната дејност, нејзиниот професионален однос кон наставничката професија и континуираното вложување во унапредувањето и осовременувањето на наставата по физика.
Во својата работа таа настојува физиката да им ја доближи на учениците преку експерименти, истражување, практични активности и решавање проблеми од секојдневниот живот. Посебно внимание посветува на развивањето на љубопитноста, критичкото размислување и самостојноста кај учениците, како и на создавањето инклузивна и поттикнувачка средина за учење.
Ова признание за мене претставува голема чест, но и дополнителна одговорност. Го доживувам и како признание за трудот, љубопитноста и успесите на моите ученици, како и за соработката со колегите. Неговото значење е уште поголемо кога ќе видам дека некогашниот ученик од мојата училница денес успешно студира, создава и гради своја кариера – тогаш знам дека часот не завршил со училишното ѕвонче. Ако сум успеала во учениците да ја запалам искрата на љубопитноста, истрајноста и вербата во себе, тогаш сум оставила трага, а тоа е најголемиот успех што може да го посака еден наставник, истакнува Зороска.
М-р Вера Зороска е и коавтор на учебник по физика за осмо одделение, а активно учествува во подготовка на наставни материјали, стручно усовршување, истражувачки активности и образовни проекти преку кои се промовираат физиката, науката и современите пристапи во образованието.
OhridNews










