Вчера, по трет пат се одржа државниот натпревар Микрософт Форум на иновативни наставници организиран од програмата на Микрософт „Партнери во учењето“. Микрософт Форум на наставници е национален, европски и светски најпознат натпревар кој им дава можност на наставниците да ги практикуваат елементите за учење на 21-от век за подобрување на процесот на учење.

Наставниците по информатика Марија Пупиноска-Гогова, Лизана Зиба, и наставниците во одделенска настава Јулиана Алексиоска и Фахрије Реџеп од охридското основно училиште „Братство и единство“ на натпреварот беа наградени за проектот „Здрава храна“, со кој се подобрува процесот на учење и предавање во училница и надвор од неа, со користење на напредни Микрософт апликации.

За овој натпревар учениците креираа блог на кој поставија интересни теми за дискусија поврзани со исхраната во училиште, планови и активности за реализирање на настани во училиштето поткрепени со видеа, остварени соработки со стручни лица и родители, ракотворби од ученици. Учениците од предметна настава креираа електронски продукти со помош на пакетот Мицрософт Леарнинг Суите на трите наставни јазици македонски, турски и албански, наменети за реализирање на наставните содржини за здравата храна во одделенска наства.

Тимот наставници се надева дека содржините од овој блог ќе се користат во процесот на учење од голем број наставници со што ќе се прошири соработката со други училишта од земјава и странство, сé со цел да се подигне нивото на свест кај учениците за користење на здрава храна.

OhridNews