На Охридското Езеро денеска започна Мајската критериска едриличарска регата, прва во новата сезона во календарот на Едриличарската федерација на Македонија.

На Охридското Езеро се одржа првата едриличарска регата сезонава. Фото: Анамарија Момироска
На Охридското Езеро се одржа првата едриличарска регата сезонава. Фото: Анамарија Момироска

Првиот ден од дводневната регата на која учествуваат 14 едриличари во класите Оптимист и Илка 4, како и шест (три екипажи) во класата 470, мина во изразен натпреварувачки дух, а учесниците на топлото мајско сонце дадоа максимум со „количината“ ветер која им беше на располагање.

Регатата ја организира Здружението за спортско едрење „Акватика Јахтинг“ од Охрид, со поддршка на „Сава пензиско“ и „Сава осигурување“, од каде изразуваат надеж дека овој спорт во иднина ќе биде уште помасовен во нашата земја.

Ќе ни биде драго доколку „Сава“ со поддршката што ја дава придонесе да се зголеми бројот на клубови и натпреварувачи во нашата земја. – истакна на отворањето на регатата Петар Талески, член на УО на „Сава пензиско осигурување“.

Регатата која се одржува под мотото „Заедно за иднината на Езерото“, за отворена ја прогласи претседателот на националната Едриличарска федерација Будимир Соколовиќ, кој упати силна еколошка порака.

Едриличарството е зелен спорт, а едрилиците еколошки пловни објекти. Сите ние имаме одговорност да се грижиме за Охридското Езеро, едрилиците се убави, атрактивни и не загардуваат. – посочи Соколовиќ.

Мајската критериска едриличарска регата, што се одржува на езерска патека кај Горица 1, продолжува во недела, кога ќе ги добиеме и победниците на натпреварот.

Фото галерија:

Натпреварувачки дух и силна еколошка порака од Првата едриличарска регата сезонава на Охридското Езеро

 

Г.М.
Фото: А. Момироска