Во насока на успешна реализација на конвенцијата за светско наследство на 12 јули во Охрид ќе се одржи Третата работна седница на Националниот Комитет за заштита на Охридското природно и културно подрачје како светско наследство, стручно тело на Националната комисија за УНЕСКО на Р.Македонија.      
  
„Ако ги земете во предвид активностите за заштита и управување на регионот како што се изработката на нацрт просторниот план,работата на билатералниот комитет, мерките на Министерството за транспорт и врски  за уредување на плажите и пристаништата, мерките на Владата за забрана на лов на пастрмката , забраната за употреба на безфосфатни детергенти и веќе почнатите активности за ревалоризација на регионот, јасно е дека во рака ги имаме инструментите за да го заштитиме квалитетно целиот регион. Но за тоа да успее, не води впечатокот дека сепак е потребна поголема синхронизација на акциите поврзани со решавање на прашањата во Охридскиот регион за да дојдат до израз активностите кои континуирано ги спроведуваат надлежните институции“, изјави за охриднењс, државниот секретар во Министерството за животна средина Дејан Паноски. Затоа, смета Паноски, токму Националниот Комитет е гарант дека Охрид оди кон квалитетна заштита на културното и природното богатство, а никако обратно.
                                                                                                  
Инаку цел на состанокот е надминување на постоечките преклопувања во надлежностите помеѓу ресорите но и решавање на бројните нерешени прашања во охридскиот регион како природно и културно наследство на светот.                                                         
              
Националниот комитет за Охридскиот регион е составен од делегирани претставници од:Министерството за животна средина и просторно планирање;Министерството за култура; Министерството за транспорт и врски;Министерство за образование и наука; Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;Македонската православна црква; Исламската верска зедница;Општините Охрид и Струга.     

Г. Момироски