По неколкучасовна расправа која измина во тензична атмосфера и со бројни меѓусебни обвинувања, советот не ги изгласа нацрт деталните урбанистички планови за Табана и Ривиера.

Меѓу другите, против донесувањето на нацрт ДУП- вите гласаа од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ кои нагласија дека нема да поддржат урбанистички решенија кои се против интересите на градот и охриѓани и кои би се донеле без потребното позитивно мислење од страна на НУ Завод и музеј- Охрид, задолжени за изработка на заштитно- конзерваторските основи без кои согласно Законот за културно наследство, не може да се носат урбанистички решенија за старото градско јадро.


Не можеме да поддржиме планови со кои се предвидува изградба на три згради на просторот кај Ривиера, една на просторот пред управата на фестивалот Охридско лето и со кои се предвидува проширување на Летница и доградба на хотелот Ривиера. Локалната самоуправа сака да манипулира со граѓаните и интересот на Охрид. Јасно е дека Управата за заштита на културното наследство и Завод и музеј јасно укажале дека немаат дадено позитивно мислење по однос на продолжувањето на постпаката за донесување на овие планови, макар и во нацрт верзија, изјави координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.


Според раководителот на Секторот за урбанизам при локалната смаоуправа, Бранко Арнаудоски, ваквите тврдења се паушално дадени без познавање на ззаконската регулатива.

Ако нацрт планот содржи плански решенија со кои се отстапува од заштитно- конзерваторските основи надлежниот орган е должен да го извести доносителот на планот, преку учество во јавна стручна расправа. Нацрт плановите пред една година беа повлечени од дневен ред од седница на совететот, по што се одржа  јавна расправа на која присуствуваа претставници од министерството за култура, Завод и музеј, советници и граѓани. Согласно законот за културно наследство и законот за  просторно и урбанистичко планирање ние не сме обврзани во фаза на изработка на нацрт планови да бараме мислење од министерството за култура. И покрај тоа побаравме мислење и за едвата плана  кои ги доставивме до изработувачот. Во даденото мислење од Завод и музеј имаше забелешки кои беа вградени при изработката на нацрт плановите и затоа се продолжи со нивната изработка, рече Арнаудоски.

На денешната 44- та седница, советниците позитивно се изјаснаа за нацрт  Деталниот урбанистички  план за  УЗ 18 УБ 18.1. и дел од УБ 18.2. – Чекоштина, за дел од УЗ 4  за дел од УБ 4.4., предлог одлуката за утврдување  Нацрт детален урбанистички план за дел од УЗ 12  дел од УБ 12.4 опфат 3 плански период, нацрт  урбанистичкиот план  вон населено место Долно Коњско опфат 1 и нацрт  урбанистички план  вон населено место Долно Коњско опфат 1 .

OhridNews