-Вевчани со векови го негува и презентира фолклорното творештво на македонскиот народ. Од самото срце на Вевчани, од прекрасната недопрена природа, во живо сеќавање ги одржуваме спомените за традицијата, битот и духот на овој народ, истакна заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, на отворањето на 4-то издание на фестивалот „Пображење“, што се одржа синоќа во Домот на култура во Вевчани. Тие, додаде заменик министерот, се непресушно и непроценливо богатство на македонскиот културен идентитет.

Годинава манифестацијата, поради неодамнешната трагедија, е во знакот на научната трибина на тема „Регионалната етнологија и етничките карактеристики во Македонија во почетокот на 20 век“ и „Нематеријалното културно наследство на Вевчани“, додека најавените фолклорни содржини и концертот на групата Љубојна, се откажани. 

На научната вечер пред вевчанци и гостите зборуваа Доц. д-р Даворин Трпевски од Институтот за етнологија и антропологија при Природно математичкиот факултет- Универзитет Св Кирил и Методиј- Скопје, м-р Ивона Опетческа Татарчевска етнокореолог виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство. 

-Во етнологијата регионализацијата се прави од аспект на материјалната култура како народна носиа, покуќнина, живеалишта, од аспект на социјалната односно како биле луѓето организирани во едно место и од аспект на духовната култура, обичаи, приказни, песни поговорки. Сето тоа придонесува да се направат културни предели и на тој начин да се истражуваат, вели Трпевски. 

Според Опетческа две манифестации го допираат наследството во Вевчани, Вевчанскиот карневал и Лазарките на Дримкол. 

-Целта на научната трибина е да се потикне соработката со локалната заедница, пред се да има заедничка иницијатива и преземање на соодветни обврски за натамошно негување и практикување на овој вид наследство. Локалната заеница треба да ги прифати условите пропишани во делот за заштита, изјави Опетческа. Таа додаде дека доколку Вевчанскиот карневал се впише во националната листа во највисоката категорија ќе има право да аплицира и за листите за УНЕСКО.

Покровител на Фестивалот „Пображење“, е Општина Вевчани и Министерството за култура на Р. Македонија.

OhridNews