Во куќата на Уранија денес започна со работа втората по ред Меѓународна научна конференција за заштита на културното наследство, на која ќе земат учество 61 научен работник од земјава и странство.
– Одзивот е задоволувачки, имаме завидна бројка на учесници од 12 земји. Научните работници од Европа и пошироко се тука за да презентираат научни сознанија во врска со заштитата и презентацијата на културното наследство со цел негова валоризација во туристички цели. Со празнувањето на Водици и доделувањето на Светската награда за хуманизам, Охрид деновиве е центар на Европа и светот во областа на културата, изјави Рубин Земон од Институтот за социо-културна антропологија на Македонија.
Присутните ги поздрави и заменик градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев, кој истакна дека во рамки на конференцијата ќе може да се слушнат драгоцени сознанија од областа на заштитата на културното наследство.
– Охрид и Охридското езеро не случајно се на светската листа на заштитено културно и природно наследство на УНЕСКО. На овој древен простор траги оставиле сите цивилизации чии остатоци може да се забележат на секој чекор. Имаме заедничка задача да го заштитиме богатото културно наследство и да најдеме соодветен начин да го афирмираме и да го ставиме како дел од туристичката понуда, рече Јанев.
Пред официјалниот почеток на конференцијата во куќата на Робевци, беше отворена изложба на фотографии „ Археолошките бисери на Азербејџан“.
Конференцијата е во организација на Институтот за социокултурна антропологија и универзитетот ЕСРА,а се одржува со поддршка на локалната самоуправа, МАНУ и Завод и музеј- Охрид.
OhridNews