Пресвртот на глобално магнетно поле на Сонцето, за која можност во вторникот ја објави американската агенција за вселенски истражувања NASA, ќе мине без последици за Земјата и за целиот Сончев систем, вели во средата за РИА Новости, Сергеј Богачев, експерт за соларна физика во Физичкиот институт Лебедев (ФИАН), пренесува „Макфакс“.

Претходно, научниците од опсерваторијата Вилкокс при Универзитетот Стенфорд објавија дека за три до четири месеци може да дојде до промена на поларитетот на глобално магнетно поле на Сонцето, што, според нив, е кулминацијата на 11-годишниот циклус на соларната активност.

Богачев објаснува дека не станува збор за промена на поларитетот на целото магнетно поле на Сонцето, туку само на една од неговите компоненти. За разлика од Земјата, чиешто магнетно поле се формира во центарот на планетата, магнетното поле на Сонцето се создава, главно, на неговата површина. Една од неговите манифестации се, особено, сончевите петна (дамки). Втората компонента, односно глобално магнетно поле, според рускиот научник, е многу послаба.

„Работата е во тоа што покрај силното магнетно поле, коешто е поврзано со сончевите петна, што предизвикува сјаења, дали и на Сонцето има глобално поле како и на Земјата. Самото негово постоење, инаку, е дискутабилно. Се смета дека, тоа е исклучително слабо, речиси еднакво на силата на магнетното поле на Земјата, а тоа е околу пет илјади пати послаба од магнетното поле во неговите петна. Многу е тешко да се види заднината во областите на петната“, вели Богачев.

Додава дека затоа е многу тешко да се одреди дури и точната позиција на магнетните полови на Сонцето. „Јас не сум толку сигурен дека со современите методи сигурно може да се детектираат овие суптилни ефекти, како што е промената на половите“, вели научникот.

„Дури и доколку процесот, за кој зборуваат американските истражувачи, е реален, тоа не е опасно, бидејќи сите емисии на плазма и магнетни бури не се поврзани со глобалното магнетно поле на Сонцето, туку со полето на петната“, додава Богачев.

OhridNews
извор:„Макфакс“