Науката смета дека не постои поврзаност на процесите помеѓу Охридското и Преспанското Езеро и сеизмолошката активност во регионот, дотолку повеќе што тие се во сосема спротивна насока од активноста на раседот помеѓу Охрид и Ресен.

-Врската помеѓу Преспанското и Охридското Езеро функционира долг период и е независна и не трeба да се бара врска со сеизмичката активност во регионот. Eпицентрачните подрачја беа на тие попречни раседи во северниот дел на Косел па источно од Косел. Не би барал директна поврзаност помеѓу Охридското Езеро и тие раседи, со оглед дека главните раседи кои ја креираат еволуцијата на Охридското Езеро, односно тектониката, се во меридијански правец, односно север – југ, а  на сеизмичките процеси кои сега се случуваат се во сосема обратна насока. – изјави Марјан Темовски од Центарот за изотопска климатологија и проучување на животната средина при Институтот за нуклеарна изотопија во Дебрецин, Унгарија, кој заедно со научни работници од Хидробиолошкиот институт од Охрид наредните денови ќе работи на истражувања на староста на водата во Охридското Езеро.

Наспроти ставовите на науката кои се базираат на стручни истражувања, во јавноста се’ уште има многу шпекулации кои внесуваат дополнителна вознемиреност кај населението, на кои според д-р Темосвки не треба да им се верува.

-Она што забележав во јавноста секој стаса да си каже за земјотресите, од лаички мислења до митови и легенди. Би апелирал да се слушаат тие што се постручни за оваа проблематика, а не да се земаат мислењата на било кој на таа тема. – рече д-р Темовски.

Сеизмолошките процеси во охридскиот регион одблиску ги следи Институтот за земјотресно инженерство, кој инсталира опрема на една висококатница и неколку објекти од јавен интерес во Охрид кои ќе бидат предмет на научни истражувања.

Г.М.