Група наградувани научници во магазинот “Nature” објавија заеднички труд во кој се предвидува влијанието на климатските промени на топењето на мразот на Антарктикот и последиците по животот на земјата.

Според научниците доколку ништо не преземеме во врска со овој проблем нивото на морињата во иднина ќе расте, а на сите крајбрежни земји им се заканува поплава. Тие предвидуваат две сценарија, едно позитивно и едно негативно кое може да се оствари до 2070 година.

Научниците предупредуваат дека ледените плочи околу Антарктикот последните години значително се намалени како последица на загадувањето и порастот на температурите. Антарктикот е исклучително чувствителен на загадувањето. Озонската дупка која се наоѓа над него делумно е последица на гасовите кои се испуштаат од клима уредите, спрејовите, фрижидерите и индустријата. Низ озонската дупка продира огромна количина на ултравиолетови зраци, што е прочина за раст на температурата. На морскиот мраз му штети и засилеиот западен ветер, кој исто така е предизвикан од климатските промени.

Зголемената киселост на океаните поради зголемената количина на јаглерод диоксид, исто така претставува глобален проблем. Оваа појава е исклучително опасна по живиот свет во морињата и негативно влијае на репродуктивниот процес кај рибите, предупредуваат научниците.

Песимистичкото сценарио предвидува големо топење на ледените плочи во Јужниот океан и на Антарктикот. Се предвидува дека за околу 50 години ќе исчезне четвртина од мразот во океаните. Тоа ќе предизвика пораст на нивото на морињата и океаните за половина метар во споредба со 2000 година. Во САД нивото на водата ќе порасне уште повеќе, што ќе предизвика катарстофални последици.

Според оптимистичкото сценарио, топењето на мразот на Антарктикот ќе се одвива со сегашното темпо, доколку светот направи напор да се намали загадувањето. Ледените плочи и натаму ќе се топат но многу побавно, а ќе се забави и закиселувањето на океаните. Дел од живиот свет ќе исчезне, но поголем дел ќе успее да се адаптира на промените. Ќе се намали и појавата на екстремни невремиња.

Научниците кои го објавија заедничкиот труд во магазинот “Nature” се надеваат дека ќе допрат до светските лидери и ќе го свртат вниманието кон проблемот со забрзаното топење на мразот.

OhridNews