Пратеникот Александар Николоски и член на Извршниот одбор на ВМРО ДПМНЕ, денеска ја повлече тужбата за клевета која ја поднесе против претседателот на ОО СДСМ Охрид Науме Јованоски. Тоа се случи откако, исто така денеска, тужениот јавно преку медиумите се извини за изнесените ставови на прес конференција, одржана порано оваа година.
-Чувствувам пред се’ морална, но и граѓанска одговорност да понудам извинување за изречените невистинити информации на пресот одржан на ден 05.07.2012 година во просториите на СДСМ Охрид, кој прес го одржав јас Науме Јованоски, а информациите изнесени на него се однесуваат на пратеникот Александар Николоски од Охрид и неговото семејство, стои во соопштението, кое го пренесува порталот „Курир“.
Во извинувањето на Јованоски се посочува дека информациите кои ги добил, иако претходно требало да бидат проверени пред да бидат користени, тоа не било направено, со што и самиот тој, како што вели, бил доведен во заблуда да пренесува неточни информации.
Пратеникот од редовите на владејачката ВМРО – ДПМНЕ за изнесените ставови на посочената прес конференција го тужеше претседателот на ОО СДСМ Охрид. Јованоски понуди извинување, а Николоски ја повлече тужбата.
-Науме Јованоски со извинувањето покажа доблест и висока свест и одговорност како политичар. Таквиот потег е доблесен и заслужува респект, изјави Николоски за OhridNews.
Тој додаде дека прв пат во 10 години колку што активно се занимава со политика тужел некого за клевета, објаснувајќи дека тоа го направил со единствена цел да го заштити угледот на неговото семејство.