Климатските промени ќе доведат до пораст на температурите од околу 3 степени, што ќе влијае на животот на Земјата, како на фауната така и на флората, смета екологистот Лазо Наумоски. Според него последици ќе има и врз планината Галичица, посочувајќи дека со порастот на температурите ќе дојде до промена на шумите и другата флора.

-На местата каде денес се шири и опстојува дабот ќе дојде леската, на местата пак каде што денес опстојува буката ќе дојде дабот, додека на високите места од планините каде денес исклучиво има тревна вегетација ќе дојде буката.-вели Наумоски. 

Според него човекот мора да се подготви за ваквото сценарио и да ги заштити шумските зелени појаси, што е особено значајно за Галичица.

-Шумските зелени појаси од Галичица треба да се заштитат, бидејќи оваа планина е од исклучително значење за опстанокот на Охридското и Преспанското Езеро. Во тој контекст неминовно е идните неколку години денот на дрвото, односно пошумувањето во сливното подрачје на Охридското и Преспанското Езеро да биде помасовно и добро организирано во пределот на Галичица. – додава Наумоски.

Планината Галичица која се протега на источниот брег на Охридското Езеро во 1958 година е прогласена е за Национален парк. Зафаќа површина од 25.000 хектари од кои 14.000 се под шума. 

OhridNews