На местото на разрешениот муфтија во Струга Ферат Полиси, со одлука на Исламската верска заедница е поставен М-р Салим Сулејмани. Разрешениот муфтија денеска му ја предаде должноста на наследникот, кој на својата прва средба со медиумите не сакаше да даде изјава на Македонски јазик. Тој се обрати само на Албански јазик, иако на пресот не присуствуваше ниту една редакција на Албански јазик.
Ферат Полиси (лево) и новиот муфтија Салим Сулејмани (десно)
Сега веќе разрешениот муфрија истакна дека одлуката за негова смена била очекувана, затоа што некој се уплашил од неговите резултати. Тврди дека постапил исправно при уривањето на помошната просторија од Мустафа Челеби џамијата, со цел да се изгради молитвеник за 1000 верници. Тоа според него била и причина што надлежните институции побрзале да ја прогласат 5 века старата џамија за споменик на културата.
-Јас моето го завршив, сега другите ќе треба да го изградат објектот кој е во согласност со меморандумот што ИВЗ го потпиша со архитекти од Турција кои го изработија проектот, по кој јас постапив, изјави разрешениот муфтија Ферат Полиси.
Тој истакна дека не делувал политички, туку само соработувал со надлежните институции. Според него радикалем ислам во Струга нема, а муфтивството се залага за почитување на законите и соживот.