Економските фундаменти се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. По растот на економијата од околу 2% во првата половина на годината, сите досегашни расположливи макроекономски показатели упатуваат на натамошен економски раст во третиот квартал со слично темпо, е заклучокот на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ. На вчера одржаната седница, комитетот расправал и за инфлацијата во земјата.

– Во однос на инфлацијата, по неколкумесечното намалување на потрошувачките цени, просечната годишна стапка во септември и октомври е умерено позитивна и изнесува 0,2%, во просек, предизвикана од растот на базичната инфлација. Кај показателите од надворешниот сектор, расположливите податоци покажуваат умерен дефицит во тековната сметка од околу 1% од БДП во првите осум месеци од годината, финансиран и преку должнички текови, но и преку приливи во форма на директни инвестиции. Во однос на адекватноста на девизните резерви, сите показатели и натаму се движат во сигурната зона, велат од НБ.

Оттаму додаваат дека на девизниот пазар, во октомври продолжиле позитивните движења коишто го карактеризираа овој пазарен сегмент во текот на летниот период. На седницата било заклучено и дека на девизниот пазар продолжуваат позитивните движења. Според првичните монетарни податоци, вкупните депозити во банкарскиот систем во октомври бележат солиден месечен прираст, а годишниот раст изнесува 4%, што укажува на натамошно закрепнување на депозитната база. Придонес кон позитивните придвижувањата кај депозитите имаат и населението и корпоративниот сектор. На кредитниот пазар, по растот во септември, во октомври се забележува благо месечно намалување на кредитната активност.

На седницата било оценето дека неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и глобалното окружување сѐ уште постои. Ваквите состојби наметнуваат потреба од постојано следење на остварувањата и редовно преоценување на ризиците и нивното значење во контекст на остварувањето на целите на монетарната политика.

OhridNews