Мемфис и ЛА Клиперс израмнија на 1:1 во плеј оф дуелите против Оклахома, односно Голден Стејт, во Западната конференција кои се одиграа во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот.

Оклахома ја загуби предноста на домашниот терен, откако по продолжението загуби од Мемфис со 105:111. Зек Рендолф со 25 поени го предводеше Мемфис со победата, а значаен придонес во триумфот дадоа уште Марк Гасол (17 поени, 7 скокови, 7 асистенции) и Мајк Конли (19 поени, 12 скокови).

Оклахома имаше само двајца кошаркари кои беа расположени за игра: Кевин Дурент имаше двоен ефект од 36 поени и 11 скокови, а Расел Вестбрук мечот го заврши со 29 поени, седум скокови и осум асистенции.

ЛА Клиперс го декласираа Голден Стејт со 138:98, со што го израмнија резултатот во серијата. Блејк Грифин постигна 35 поени за Клиперси, а уште шестмина играчи во тимот постигнаа двоцифрен број на поени. Стефон Кари со 24 поени и осум асистенции беше најефикасниот играч на Голден Стејт.

Четвртфиналните серии се селат во Оукленд односно Мемфис, каде во четврток ќе се одиграат натпреварите број три.

 

„Макфакс“