Ова лето дури 103 кошаркари имаа можност да им помогнат на своите репрезентации во разните натпреварувања кои ги организира ФИБА, но тоа ќе го сторат само 47-мина.

Словенија ќе биде домаќин на Европското првенство од 4. до 22. септември, а континенталниот собир ќе мине без Дирк Новицки (Германија), Пау Гасол и Серж Ибака (Шпанија), Жоаким Ноа (Франција), Никола Пековиќ (Црна Гора), Данило Галинари (Италија), Бен Гордон (Велика Британија).

Најголем дел од кошаркарите се решиле да одмораат во летниот период, со цел што подобро да се подготват за напорната сезона во НБА лигата, додека не е мал бројот на оние кои поради повреди нема да играат за своите репрезентации.

Евробаскетот во Словенија, покрај веќе споменатите играчи, ќе биде посиромашен и за неиграњето на Микел Пјетрус, Кевин Серафан, Рони Туриаф (Франција), Андреј Кириленко, Тимофеј Мозгов (Русија), Крис Кејман (Германија), Заза Пачулија (Грузија), Луол Денг (Велика Британија), Енес Кантер (Турција)…

За среќа во Словенија ќе бидат присутни Тони Паркер, Николас Батум, Горан Драгиќ, Никола Вучевиќ, Рики Рубио, Ерсан Иљасова…

Слични проблеми имаат и репрезентациите од другите делови на планетата, Бразил ќе биде без помошта Нене Иларио, Андерсон Варежао, Леандро Барбоса, Тијаго Сплитер, додека Ману Џинобили, Пабло Приџони и Карлос Делфино нема да играат за Аргентина. Ендрју Богут нема да игра за Австралија, додека Канада ќе настапи без Стив Неш и Самуел Даламбер.

 

“Макфакс“