Сопствениците и кошаркарите во НБА лигата конечно пронајдоа заеднички јазик и постигнаа договор за почеток на новата сезона во најквалитетното кошаркарско натпреварување во светот.
Најновата рунда на преговори траеше преку 16 часа, по што двете страни во 3 часот наутро по американско време конечно си подадоа рака постигнувајќи компромис за неколкуте клучни точки во разговорите. За договорот да биде верификуван ќе биде потребно официјално одобрување од сопствениците и од кошаркарите, но за очекување е тоа да мине без никакви проблеми бидејќи нивни официјални лица ги водеа овие преговори.
– Оптимисти сме дека и оваа последна пречка ќе биде надмината и ќе имаме НБА сезона. Работевме напорно за пречките да бидат отстранети, мислам дека успеавме во тоа – изјави комесарот на НБА-лигата, Дејвид Штерн.
Американските медиуми го поздравија договорот меѓу двете спротивставени страни, дополнувајќи дека очекуваат Штерн стартот на новата сезона да го закаже за 25 декември, а тренинг-камповите на тимовите се веќе закажани за 9 декември. Се уште е неизвесно по колку средби ќе одиграат тимовите во регуларниот дел од сезоната, но се шпекулира за 66 натпревари.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com