Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Во повеќе наврати истакнавме дека располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен, информира Народната банка на Македонија, откако во јавноста се пласираа одредени информации кои се однесуваат на оваа тема.

Од Народната бакна апелираат граѓаните за курсот на денарот и останатаите валути да не се информираат од онлајн-платформи, бидејќи тие не се релевантен извор за следење на вредноста на денарот.

Објавите на овие онлајн-платформи не произлегуваат од реално тргување со валути. Единствен релевантен извор на информации според којшто населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница – www.nbrm.mk. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа којашто е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари. – информира НБРМ.

Народната банка апелира на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации.

Секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија. Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците. – истакнуваат од Народната банка.

Од Народната банка велат дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година.

Граѓаните треба да бидат спокојни. Стабилноста на курсот била, е и ќе остане наш приоритет. Ние гарантираме дека денарот е и ќе остане стабилен. – порачува Народната банка.

OhridNews