Повлекувањето на депозитите од банките и зголемената побарувачка за девизи ја натераа Централната банка да ја затегне монетарната политика. По речиси три години,НБРМ ја зголеми основната каматна стапка на благајничките записи за 0,75% однсоно од 3,25 % на 4 %, објави „Телма“.
Промената на каматата според објаснувањето од таму е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа
„Одлуката за затегнување на монетарната политика е реакција на зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто во целост се последица на влошените очекувања на економските субјекти, предизвикани од нестабилната политичка состојба во земјата. Со тоа, промената на каматната стапка е одговор на делувањето на фактори од неекономска природа“, велат од НБРМ.
Одлуката на централната банка е очекувана и испрака цврста порака за определбата да се зачува макроекономската стабилност и стабилноста на денарот. Сепак вели професорот Абдулменаф Беџети ќе има и негативни ефекти од неа
По поскапувањето на каматата на благајничките записи, на потег се банките. Дел од нив потврдуваат дека прават интерни пресметки.Не ја исклучуваат можноста за корекција на каматите.
-Имајќи ја во предвид пошироката консталација на збиднувања и зголемената побарувачка за девизи, објавеното зголемување на каматните стапки на благајничките записи може да резултира со придвижување и на активните и пасивните каматни стапки во Банката,доколку овие промени кај благајничките записи се од подолгорочен карактер, велат Стопанска банка АД Скопје
-Во очекување е дека оваа мерка може да биде сигнал банките за определен износ да ги зголемат каматите на депозитите – штедењето во денари, но тоа истовремено значи дека соодветно ќе мора да се зголемат и каматите на кредитите кои ги користи стопанството и сите кредитни производи за населението. Во овој момент промени веднаш ќе претрпат само оние кредити кои се врзани со движењето на каматата на благајничките записи, но тоа е мал износ во билансите на банките, велат од Комерцијална банка АД Скопје
Според банкарите, следниве денови се очекува покачување и на каматата на државните записи, бидејки како што покажа и последната аукција,намален е вишокот на слободни средства на банките и на државата ќе и бидат потребни средства за извршување на нејзините функции. Токму фактот што банките вчера покажаа послаб интерес за аукцијата на записи и обврзници, според Беџети покажува дека состојбите ќе бидат се покритични. Државата се повеќе ќе бара но се помалку ќе може да прибира пари од банките. Според него неосновани се стравувањата за девалвација на денарот но доколку политичката криза се продлабочи,може сериозно да се наруши стабилноста на девизниот курс.
OhridNews
Извор:„Телма’