Во организација на Народната банка на Република Македонија во соработка со Централната банка на Холандија, во Охрид денеска започна Единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“. 

Конференцијата ќе опфати теми коишто, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот Финтек, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија. За време на Конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот Финтек и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет, истакна д-р Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народната банка на РМ.

Одговарајќи на новинарско прашање влијанието врз цените на поскапувањето на нафтата во светот, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка внимателно ги следи трендовите и не се очекува инфлација поголема од проектираната за оваа година.

На Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер, предавачи се високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Оваа година потврдено е учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка.

Г.М.