– Се обидов на некој начин еден милениумски глас преку археолошкиот пронајдок Адам од Говрлево поетски да го донесам во денешницата , бидејќи познато е дека пораките на тлото во Македонија секогаш постоеле, но ние многу ретко сме умееле вистински да ги прочитаме-изјави Стефановски.
Тој истакна дека посебно му е драго што високото поетско признание го добива во годината кога се одбележуваат 150 години од врачувањето на наградата на Прличев во Атина.
Тој посочи дека пораката на поемата „Адам од Говрлево“ е дека воопшто не е битна бројноста на народот, воопшто не е времето пресудно, туку уметничкото дело. Тоа, како што рече, го потврдува археолошкиот пронајдок Адам од Говрлево кој што е меѓу десетте највредни археолошки пронајдоци во светот од IV век пред нашата ера. „Јас се обидов да го воспеам создавачот на тоа дело, со други зборови овој простор на кој денес живееме покажува дека рамноправно може да се носи дури со врвните уметнички достигнувања во планетарна смисла“, подвлече Стефановски.
Одговарајќи на новинарско прашање за вековните негации на македонскиот народ и покрај силните историски аргументи кои ја потврдуваат неговата посебност и постоење, добитникот на наградата „Григор Прличев“ истакна дека примерот на Прличев е доказ дека тоа што денес ни се случува не е случајно.
– Тоа што го постигнал младиот охриѓанец во 1860 година, и односот на Грците уште тогаш доволно јасно говори дека она што нам ни се случува е со долговременска основа и дека битката не е така едноставна како што многумина мислеа дека може да се разреши за еден краток период. Моќта на аргументот е на наша страна, но не секогаш е тоа доволно и мислам дека тие кои што треба да ја извојуваат таа битка треба многу постратешки да пријдат на проблемот, а убеден сум дека можат да се доведат нештата во наша полза, рече Милован Стефановски, добитник на наградата ” ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“ за 2010 година на конкурсот што заеднички го распишуваат издавачката куќа „Детска радост“ и центар за култура Григор Прличев од Охрид.