Без голови и без победник заврши пресметката на Охрид 2004 и екипата на Тиквеш на “Атина Бојаџи“ во рамките од 17-та рунда во Втората македонска фудбалска лига. Охриѓани го запишаа првото реми сезонава и со тринаесет бода на табелата пред нив престои жестока битка за опстанок во второлигашкото друштво


Многуте неискористени шанси, особено во првиот дел ги чинеше “рибарите“ три бода.  Шансите пред двата гола се редеа изостана само реализацијата.

Иако повеќе прилики за погодок имаа домаќините, првата шанса за гол им припадна на гостите. Во 25-та минута Илов биеше од слободен удар, но охридската единица Трајаноски беше на место.


Со шутот од далечина на капитенот на домашните, Китрозоски во 26-та минута започна опсадата на голот од кавадарчани.  Четири минути подоцна гостинскиот голман Анѓелков со одлична интервенција спречи погодок по ударот на Далчев.

Во 40-та минута најдобрата шанса за отварање на резултатот ја имаа “рибарите“. Офанзивниот фудбалер Реџеп изби сам пред голот на “црвените“, премногу се двоумеше дали да шутира или да проигра осамениот Митрески, и голманот Анѓелков навреме стигна да блокира и го зачува голот на гостите.


На стартот од второто полувреме шансите продолжија да се редат пред двата гола. Левоногиот фудбалер Митрески имаше неуспешен оби за лоб удар, а веднаш потоа Далчев со глава биеше над голот.

Голманот на охридскиот состав Трајаноски во 70-та минута со одлична интервенција ја остави надежта за триумф на охриѓани.

До крајот на натпреварот нападите на охридските “бели“ спласна, a гостите се задоволија со ремито и ги поделија бодовите со “рибарите“ на “Атина Бојаџи“.

Мх.П.