Судењето по обвинението за напад врз 26-годишната охриѓанка Сара Ѓ. денеска не почна во Основниот суд во Охрид. Главната расправа беше одложена, а следното рочиште е закажано за 1 декември.

Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, изјави дека одбраната на обвинетиот побарала изземање на јавниот обвинител назначен за предметот и на сите јавни обвинители од ОЈО Охрид. Според образложението дадено на рочиштето, барањето било доставено во охридското обвинителство непосредно пред почетокот на рочиштето. Додека по него не се произнесе непосредно повисокиот јавен обвинител, ниту еден обвинител од ОЈО Охрид не може да постапува по предметот.

Според Шаин, одбраната побарала и изземање на судијката Александра Поп Стефанија, на судијата Милчо Клишески и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.

Барањето за изземање на судиите Поп Стефанија и Клишески беше одбиено. За барањето за изземање на претседателот на судот треба да се произнесе Апелациониот суд во Битола, рече Шаин.

Во судницата беше присутна оштетената, но не и обвинетиот, кој според Шаин се наоѓал во судот во притворското одделение. 
На рочиштето присуствуваше еден од двајцата најавени сведоци. За отсуството на другиот беше приложена медицинска потврда.

Од одбраната на обвинетиот посочија дека нивното барање за изземање било за двајцата судии, а конкретното решение кои го добиле било само за судијата Александар Поп Стефанија и истото немало правна сила бидејќи не било потпишано и со печат на судот.

Во текот на денешниот ден е доставено барање за изземање согласно член 35 став 5 од ЗКП до Апелациониот суд во Битола, барање за изземање на претседателот Бојан Мартиновски, а согласно тоа тој не би можел да постапува и да го донесе ова решение коешто го донесе денес. Исто така имаме доставено барање за изземање на Основниот јавен обвинител на Охрид до Вишото јавно обвинителство, рекоа адвокатите на обвинетиот.

ОЈО Охрид поднесе обвинение против Христијан К. за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста, а беа организирани и протести против семејното и родово базираното насилството во општетството.

Н.С.Ј. | Г.М.