Дел од дуќаните во охридската чаршија вчера сепак одлучија да затворат, но некои од дуканџиите  го искористија новогодишниот викенд и поголемиот прилив на гости за да работат. Трудовата инспекција не констатирала поголеми неправилности во работата кај работодавачите, информираше раководителот на одделение за инспекциски надзор во областа на работните односи во Охрид, Трајче Костески.

Ситуацијата на терен беше добра. За време на викендот не се регистрирани некои поголеми неправилности. Издадени се неколку опомени кај одредени работодавци кај кои недостигаа одредени известувања. Така да работодавците беа добро организирани и си ја работеа работата во согласност со Закон, вели Костески.

Инспекторатот информираше дека за време на викендот не била поднесена ни една пријава од граѓани околу неправилности во работењето. Нерегуларности не биле регистрирани ни во работата на угостителските објекти.

Во неделата беа извршени осум надзори  исклучиво вo угостителски објекти при што не се констатирани никакви неправилности во делот на работата, додава Костески.

Претходно, од подрачното одделение на Инспекторатот за труд појаснија дека измените во Законот за трговија со кои недела задолжително станува ден за одмор за вработените за 92% од дејностите стапуваат на сила  од денес (03.01.2022 г), со што охридската трговија викендов работеше согласно Законот за работа во недела и државни празници кој важеше досега. Според истиот,трговците требаше да ги имаат известено службите и да им платат на вработените зголемен надоместок.
Инаку, со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспостави дежурства во недела по региони, со цел доследна примена на законските норми. Од Инспекторатот ги охрабруваат сите работници на кои ќе им бидат прекршени правата во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи да пријават во Државниот инспекторат за труд.

 

 

К.А.