Примарна улога на заштитените подрачја е зачувување на биолошката разновидност, но тоа за жал често се занемарува, поради активности како развој на инфраструктурата, масовен туризам, експлоатација на шумите и други неодржливи, честопати и незаконски активности, велат од невладината WWF Adria која заедно со Националниот парк „Галичица“ го одбележа Светскиот ден на природата, 5 јуни. Годинава тој се одбележува под мотото „Време е за природата“, а главна тема е зачувување на биолошката разновидност.

Националниот парк „Галичица“ успешно воспостави репродуктивен центар за Европски елен. Пред само неколку дена, Паркот извести дека во центарот се родиле првите еленчиња. Но, истовремено Паркот се соочува и со предизвици од континуиран развој на инфраструктура на неговата територија.

Поради значителните природни убавини, биолошка и пределска разновидност и пејзажни вредности Национален парк Галичицаво е посакувано место за престој и уживање. Универзалните вредности на паркот биле основа за негово прогласување за национален парк во 1958 година, но и причина 2/3 од неговата територија да бидат вклучени во рамките на Природното и културно наследство на охридскиот рекион на листата на УНЕСКО.

Ваквите особености многу често и креираат проблеми на Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) која е задолжена за заштита и управување со паркот. Од една страна поединци сакаат да си обезбедат парче од оваа убавина за лично уживање но истотака национални и локални бизниси вршат постојан притисок за урбанизација и изградба на несоодветна инфраструктура која во иднина ќе им овозможи профит без при тоа да се води сметка за оштетувањата врз уникатната природа. Поради ваквата состојба ЈУНПГ во сите свои стратешки документи особено внимание посветува на запознавање на јавноста со потребата од заштита на вредностите како предуслов за одржлив развој на подрачјето и обезбедување на услови за економска благосостојба на локалните заедници и развој на локалната економија. – изјави Андон Бојаџи од ЈУНП Галичица.

Зачувувањето на заштитенитеподрачја е од огромно значење не само за заштитата на биолошката разновидност, туку и за социо-економскиот развој на локално и глобално ниво. Oсобено сега, во време кога се бориме против пандемијата, неопходно е да се постават уште поконкретни и амбициозни цели за заштита на животната средина и природата, вели Ана Чоловиќ Лешоска од организацијата WWF Adria.

Не смееме повеќе да го оправдуваме уништувањето на природните ресурси поради развој. Развој на инфраструктурни објекти во највредните природни живеалишта не е развој, туку уништување на бројни потенцијали за одржлив развој. Зачуваните национални паркови и зачуваната природа треба да бидат интерес, но и одговорност на сите институции. – посочува  Чоловиќ Лешоска.

Чоловиќ Лешоска додава дека за жал, заштитените подрачја се изложени на разни притисоци, поради што доаѓа до губење на биолошката разновидност и природните вредности на подрачјата. Во Македонија, околу 9% од територијата е под заштита, иако Меѓународната конвенција за биолошка разновидност се обврза да го зголеми тој процент на 15% до 2020 година.

OhridNews