Натпреварите во Лигата на шампиони во многу работи се разликуваат од оние во националните првенства. Потврда за тоа беше односот на актерите во првата епизода од европското “Ел Класико“ како и  вториот дуел во 1/2 финалето помеѓу Шалке и Манчестер Јунајтед.

Португалецот на клупата на Реал Мадрид, Жозе Мурињо во првата  1/2 финална пресметка одигра “кукавички“ пред преполниот Сантијаго Бернабе. “Кралевите“се обидоа да ја копираат играта од финалето во Купот на Шпанија кога ја совладаа Барселона по продолжението, и тоа  благодарение на погодокот на Кристијано Роналдо по нафрлувањето на  Анхел Ди Мариа.  

“Специјалниот“ во “срцето“ на теренот одлучи да ги стави деструктивците Пепе, Ласана Диара и Чаби Алонсо, препуштувајќи му ја  средината на  својот противник. Во нападот само на хартија беа  Кристијано Роналдо, техничарот Месут Озил и офанзивното крило Анхел Ди Мариа.


Стратегот на Барселона, Гвардиола за разлика од Мурињо во 1/2 финалето влезе мошне претпазливо поучен од поразот во финалето од Купот на Шпанија и ланската елиминација токму од португалецот кога тој беше на клупата на Интер .


Капитенот Пујол играше на левата страна и максимално ја неутрализираше првата виолина на “кралевите“ Кристијано Роналдо. Десниот бек на “блауграната“ Даниел Алвеш на момент “заборави“ на своите излети во нападот. Кеита и Бускетс беа одлична потпора за двигателот на играта на Барселона, Чави кој без својата десна “рака“ Иниеста имаше поголема задача на теренот и перфектно си за ја заврши својата работа. Напаѓачката тројка составена од Лионел Меси, Педро и Давид Виља беа тивки во првиот дел, а знаци на “живот“ дадоа со неколку удари од далечина.


“Анти“ фудбалот на португалецот пукна во 63-та минута кога “фудбалерот (без) врска“ Пепе непотребно со отворен ѓон стартуваше над  Даниел Алвеш. Судијата Волфанг Штарк кој беше многу критикуван од таборот на Реал Мадрид, на Пепе му додели директен црвен картон и му го покажа патот кон соблекувалните. На одлуката на Германецот во свој препознатлив стил реагираше “специјалниот“  кој иронично му се “заблагодари“ на четвртиот судија по што главниот арбитар Штарк го испрати на трибините. 


Без Мурињо на клупата, Реал го загуби големиот мотиватор што одма се почувствува на теренот. Гвардиола со првата измена го направи потегот на мечот,  во игра го внесе младиот Холанѓанец Ибрахим Афелај на местото од “анемичниот“ Педро. Во 78-та минута  по продорот  Афелај по десната страна упати прецизен центаршут за аргентинецот Лионел Меси кој не простува и носи предност на Барса.


Како во текот на целиот натпревар “белите“ беа ориентирани  на својата половина, но овој пат ја бранеа негативата. Барселона започна со својата “пас“ игра и крадеше максимално од времето. Кога сите се задоволија со еден погодок во сиромашното “Ел Класико“ повторно на сцена стапи Лионел Меси кој во соло акција нанижа неколку противнички фудбалери и го совлада Икер Касиљас по втор пат.


На “римечот“ од 1/2 финалето девекратниот првак ќе има сериозни проблеми со составот, ќе го нема “поцрвенетиот“ Пепе, поради жолти картони право на настап нема Серхио Рамос а капак на се е и црвениот картон на Мурињо кој и тоа како ќе недостасува на клупата на Реал Мадрид на Ноу Камп.


Преостанува уште еден натпревар  воедно и последен од “Ел Класико“ оваа сезона. Барселона на Ноу Камп патува со голема предност стекната од првиот натпревар а на домашен терен “блауграната“ знае и умее да ги толчи противниците.  Позната е тезата “надежта последна умира“ па така Реал Мадрид ќе отпатува на реванш натпреварот од 1/2 финалето.

Михаил Постоловски