Младите Европски Федералисти од земјите на Западен Балкан (ЏЕФ Македонија, ЏЕФ Србија, ЏЕФ Албанија и ЏЕФ Црна Гора) жестоко се противат на воведувањето на механизмот преку кој ЕУ членките ќе бидат во можност да го укинат безвизниот режим за Балканските земји. Овој механизам беше усвоен од страна на Европскиот Парламент на 12-ти Септември 2013 и стапува на сила денеска.

„Со последниве измени, ЕУ членките може да го укинат безвизниот режим за земјите од Западен Балкан од кои има значаен прилив на лажни азиланти. Механизмот претставува нова закана за нашите земји и чекор наназад за безвизниот режим. Овие амандмани се иницирани од ксенофобични политички фракции како оправдување за повторното воведување на визи. Но, вистински застрашувачки факт е дека дури 7 ЕУ земји-членки имаат изјавено дека сериозно размислуваат да ја започнат процедурата за укинување на безвизниот режим.“ – објаснува Јона Спахиу, Претседател на ЏЕФ Албанија.

„Вистинскиот проблем е тоа што немам никакви информации од ЕУ за тоа кои се овие лажни азиланти бидејќи овие податоци се заштитени со правото на приватност. Србија ги има побарано информациите од Еуропол, но ги нема добиено и не може да ги добие. Контролата на границите кон ЕУ е построга и земјите на Западен Балкан работат напорно да го решат проблемот. Доказ за ова е фактот дека бројот на апликанти за азил од Западен Балкан има паднато за цели 44% во периодот од Јануари 2012 до Јануари 2013. “ – истакнува Исидора Митиќ, Меѓународен Секретар на ЏЕФ Србија.

„Европските политичари мора да бидат свесни за фактот дека балканската младина има активно учествувано во проекти поддржани од самата Унија. Сметаме дека оваа одлука не само што ќе ги обесхрабри младите да учествуваат во идни проекти (посебно Еразмус+), или да аплицираат за стипендии, но исто така ќе биде спротивно на целите на ЕУ. Оваа прекрасна платформа која до сега беше создавана преку младинските размени ќе биде нарушена доколку навистина се искористи механизмот за укинување на безвизниот режим.“ – објасни Слободан Ѓуровиќ, Претседател на ЏЕФ Црна Гора.

Би сакале да ги охрабриме земјите членки на ЕУ да ги интегрираат домашните закони во кохезивна Европска рамка за азил и да го забрзаат процесот на одобрување на барања за азил. Како добар пример ја имаме Швајцарија која одлучува за секоја апликација за азил во рок од 48 часа од моментот на поднесување. Оваа кратка процедура е релативно поевтина и за земјата на пристигнување и за земјата од која потекнуваат барателите на азил, велат младите Европски Федералисти од земјите на Западен Балкан.

„Визната либерализација е моментално едно од најголемите достигнувања и дефинитивно највидливото достигнување на нашите земји на нивниот Европски пат. Како можеме да очекуваме високо ниво на оптимизам за интегрирање во ЕУ кога постои реална закана за укинување на најценетата придобивка од ЕУ до сега?“ – прашува Кристина Ангеловска, ВД Потпретседател на ЏЕФ Македонија.

Во врска со ова прашање, Претседателот на Младите Европски Федералисти (ЏЕФ Европа), Полин Жесан,посочи дека секоја година, Младите Европски Федералисти организираат улична акција против граници помеѓу Европските земји. „Ние активно ја подржуваме мобилноста на граѓаните која е неопходна за промовирање на чувство на припаѓање на Европа, зголемување на социјалните размени и обезбедување на пријателско и толерантно општество на Европскиот континент. Затоа ние најстрого го осудуваме секој обид да се укинат безвизните режими и го повторуваме нашето барање за „Европа без граници“!“ – изјави Жесан.

OhridNews