Околу 160 учесници, меѓу нив и охриѓанката Наташа Неданоска се дел од Викимедија Конференција за Централна и Источна Европа (Wikimedia CEE Meeting 2023) која се одржува до 17 септември во Тбилиси, Грузија во организација на Викимедија УГ Грузија. Годишната конференција е фокусирана на проекти на Викимедија (Википедија и други сродни проекти) во земјите од Централна и Источна Европа (во поново време и во Централна Азија), а слоганот на истата е „Поврзани за учење“.

Предавање под наслов „Ретките болести на Википедија“ ќе одржи и Неданоска, кое има за цел да ја прикаже успешната приказна за градење партнество помеѓу Вики клуб Охрид и Здружението за Ретки болести од Охрид. Всушност, членовите на Вики клуб Охрид секоја година, веќе пет години наназад, се приклучуваат кон кампањата која ја води Здружението за ретки болести од Охрид. Секој ден во месец февруари на Википедија на македонски јазик прикачуваат по една статија за ретка болест, т.е. онаа истата која ја покриваат сите медиуми во истата кампања. Оттука, со овие активности, Википедија на македонски јазик е побогата за 139 статии кои се однесуваат на ретки болести.

Мојата заложба за партиципирање на Википедија на македонски јазик доаѓа од мојата професионална определба, јас сум професор по македонски јазик. Во однос на добрите практики за партнерствата кои ги градам на оваа тема, чувствувам одговорност тоа да бидат јавни установи или здруженија првенствено од градот или околината. Моето предавање за соработката со Здружението за ретки болести и почитуваната претседателка на истото, Гордана Лолеска, ќе опфати повеќеслоен активизам: вклученост на ученици, гласно говорење за ретките болести, збогатување на Википедија на македонски јазик со нови статии. Ова е нашиот начин да ја потврдиме нашата поддршка, но овојпат да одиме подалеку, со тоа што ќе го запознаеме и светот за тоа. За нас месец Февруари 2024 година останува да биде резервиран за соработка со нив, вели Неданоска.

Идејата за ваква конференција била замислена најнапред како неформален состанок што се одржал за првпат на 6 август 2011 година на Викиманија 2011 во Хаифа. Повеќето од присутните од земјите од регионот биле присутни и ги споделиле своите искуства за воспоставување на поглобална заедница. Историјата на состаноците на CEE е веќе 11 години, почнувајќи од првиот состанок во Белград (2012).

Следните конференции биле организирани во Модра (2013), Киев (2014), Вооре (2015), Дилијан (2016), Варшава (2017), Лавов (2018), Белград (2019), две онлајн конференции за време на пандемијата Ковид-19 и последната се одржа во Охрид (2022) на којашто домаќини беа GLAM Mакедонија кадешто припаѓа и Наташа Неданоска.

Важноста од ваквите собири е од огромно значење затоа што покрај споделувањето на добрите практики и учење на новитети во сферата на Викимедија, се постигнуваат уште многу паралелни цели. Постојано се поддржуваат други организации, големи идеи и се поткрева свеста за важни теми од општествениот живот. Всушност, и главната цел на оваа фондација е да го стави целокупното човеково знаење во добра функција. Лично за мене искуствата од ваквите настани се постојано надополнување, постојано изненадување од непознатото и потврда за веќе стореното, додава Неданоска.

Освен Неданоска на оваа конференција од Македонија се присутни и Снежана Штрковска, Тони Ристовски, Кирил Симоновски, Нино Богдановски, Деан Лазаревски и Марија Михаилова, која уредува на Википедија на влашки јазик.

Н.С.Ј.