Недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела ќе бидат соодветно платени и ќе добијат слободен ден, соопшти вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
На гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“, Битиќи посочи дека пред крај е конечното законско решение и исклучок ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела.
Вчера имавме Економско-социјален совет и веќе сме пред крајното решение. Имаме уште мали нијанси и сметам дека следната недела ќе ги прецизираме. Она што треба да ги радува граѓаните е дека недела е неработен ден и ден на неделен одмор. Ова е формулацијата што е дефинирана меѓу синдикатите и Организацијата на работодавачи. Ќе има исклучоци – 34 дејности и дејностите кои се поврзани со соновните дејности. Оние кои ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор, рече Битиќи.

Во однос на антикризните мерки, Битиќи истакна дека субвенционирање на плати за вработените нема да се укине, а во новиот петти пакет ќе им бидат отпишани каматите на долговите на граѓаните кон јавните претпријатија. Проценките се дека со оваа мерка ќе бидат опфатени најмалку 180 илјади граѓани.
OhridNews












