Од 11ти до 15ти август, во организација на Младински Центар Охрид, ќе се одржи третото издание на „Недела на млади“ – мултидисциплинарна програма наменета за млади, млади уметници и креативци, по повод Меѓународниот ден на младите – 12ти август.

Програмата опфаќа уметнички и музички работилници, филмски проекции, мастеркласови, јога, изложби, музички настапи и предавања, а активностите се распоредени низ пет дена со утрински, дневни и вечерни содржини.

Програмата започнува во понеделник (11ти август) со летна ликовна школа „Боите на летото“ и школа за гитара „Ритамот на младоста“, кои продолжуваат секој ден до петок.

Централниот ден – вторник, 12ти август – вклучува изложба на изработки од младите, креативна работилница, презентација од младинска размена во Франција, музички настап на Бендот на МЦО, проекција на краткометражниот филм Mi(s)sing Dog на Антонио Велјаноски и DJ сет во живо со Lychnid Coffee Society.

Среда (13ти август) е посветена на млади филмски креатори под мотото „Приказни од младите – Камера, светла, акција!“, со мастерклас за режија и сценарио од Антонио Велјаноски.

Четврток (14ти август) се отвора со јога на кејот на Охридско езеро (тревник Куба либре) и продолжува со уметнички работилници, а на 15ти август, Неделата завршува со предавање на историчарот Иван Крижиќ на тема „Минатото како алатка за младинска иднина“.

Настаните ќе се одржуваат во и околу просториите на Младински Центар Охрид, во поранешната касарна, и се бесплатни и отворени за јавноста.

Неделата на млади е простор каде младите може да се изразат, поврзат и инспирираат едни со други. Преку уметност, музика и дијалог сакаме да го поддржиме нивниот личен и општествен развој, велат од тимот на МЦО.

Сите заинтересирани млади се поканети активно да се вклучат и во волонтерскиот тим кој го поддржува настанот. За повеќе информации, следете ги социјални медиуми, Facebook: Младински Центар Охрид и Instagram: @mladinskicentar_opstinaohrid.

OhridNews