На 8 мај 1828 година роден е големиот хуманист Анри Динан,  основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст. Во негова чест 8 мај се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а  неделата од 8-15 мај, како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина.


Оваа година се одбележуваат три јубилеи: 150 години од битката кај Солферино, 90 години од основањето на Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина и 60 години од донесувањето на Женевските конвенции. Во тие рамки под мотото НАШ СВЕТ – ВАШ ПОТЕГ, Црвен крст Охрид организира повеќе активности. На 08 мај 2009  во 12:00 ч. делегација на Црвен крст Охрид и Здружението на Анри Динан од Струга ќе положат свежо цвеќе на бистата на Анри Динан во Охрид, пред седиштето на Црвениот крст. Половина час подоцна ќе се одржи ИНФО ДЕН – прием во седиштето на Црвен крст Охрид – каде сите заинтересирани преку промотивни материјали и презентации од страна на волонтерите ќе може да се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст и активностите на Црвен крст Охрид.


По повод Светската недела на Црвениот крст на 09 мај 2009 (сабота), од 10:00 ч. – во паркот кај споменикот на „Кирил и Методиј“ ќе се одржи 38-от општински натпревар по прва помош со учество на 15 екипи во категорија младина и подмладок.

Ohridnews