Законот со кој недела се прогласува за неработен ден, кој на сила стапува од првиот викенд во новата година, ќе предизвика сериозни штети на локалната економија и може да има далекусежни последици, предупредуваат охридските дуќанџии организирани во здружението на трговци „Чаршиски еснаф“.
Ваквиот закон значи дека голем дел од дуќанџиите во недела, 2 јануари, нема да смеат да работат. Тоа, пак, значи дека туристите кои решиле новогодишните празници да ги минат во Охрид во недела ќе наидат на затемнети излози и затворени дуќани во охридската чаршија, која е една од најомилените локации за шетање и шопинг на гостите. – велат од „Чаршиски еснаф“.

Законот не е до крај јасен кој смее а кој не смее да работи во недела. Истиот предвидува да може да се работи во моловите кои имаат над 8000 м2, а во Охрид таков мол не постои. Најголем проблем, сепак, е тоа што не смееме да работиме во недела ниту со дупли дневници, нешто што што никој од нас не го стави под прашање. – истакнуваат од здружението на трговци „Чаршиски еснаф“.

Г. Момироски











