Законот со кој недела се прогласува за неработен ден, кој на сила стапува од првиот викенд во новата година, ќе предизвика сериозни штети на локалната економија и може да има далекусежни последици, предупредуваат охридските дуќанџии организирани во здружението на трговци „Чаршиски еснаф“.

Ваквиот закон значи дека голем дел од дуќанџиите во недела, 2 јануари, нема да смеат да работат. Тоа, пак, значи дека туристите кои решиле новогодишните празници да ги минат во Охрид во недела ќе наидат на затемнети излози и затворени дуќани во охридската чаршија, која е една од најомилените локации за шетање и шопинг на гостите. – велат од „Чаршиски еснаф“.

Дуќанџиите посочуваат дека Охрид како туристички град не смее да биде затворен во недела, дотолку повеќе што дел од гостите кои доаѓаат тука преку целата година се викенд туристи, а добар дел од нив доаѓаат исклучиво за шопинг. Јануари, февруари можеби нема да се почувствува многу проблемот, но во шпицот на сезона и тоа како ќе се одрази на туризмот и локалната економија, велат малите трговци.

Законот не е до крај јасен кој смее а кој не смее да работи во недела. Истиот предвидува да може да се работи во моловите кои имаат над 8000 м2, а во Охрид таков мол не постои. Најголем проблем, сепак, е тоа што не смееме да работиме во недела ниту со дупли дневници, нешто што што никој од нас не го стави под прашање. – истакнуваат од здружението на трговци „Чаршиски еснаф“.

Дуќанџиите бараат под итно Охрид да биде иземен од законот, не само поради туризмот, туку и поради фактот што, како што истакнуваат, немаат исти трошоци, ниту кирии како во другите градови. На состанокот одржан вечерва тие побараа поддршка за своите барања од советот на Град Охрид, Градоначалникот и пратениците од Охрид.

Г. Момироски