Под мониторинг на Меѓународната унија на интернационални водичи во планина, деновиве во Македонија во организација на националната асоцијација на интернационални водичи во планина – МАИВП, се одржа обука на водичи во планина во зимски услови, на која учествуваат инструктори и кандидати од Охрид. По завршување на комплетната обука кандидатите ќе се стекнат со интенационална лиценца за водич во планина според IML стандардот за професионални водичи во планина кои даваат професионални услуги во туризмот.

Од МАИВП, посочуваат дека треба да се прави разлика помеѓу спортски планинари и клубови и лиценцирани водичи во планина кои се дел од туристичката индустрија. Првите при организација на планинарските тури самите одговараат за својата безбедност, додека вторите одговараат за целата група без исклучок. Во Македонија во моментов има 140 водичи во планина со интернационална лиценца, а само 40 ја обновиле, што е далеку под потребниот број, бидејќи авантуристичкиот туризам во земјава бележи рапиден раст. 

– Ако земеме предвид дека професијата најголем дел од луѓето ја вршат како дополнителна дејност тоа значи дека ни требаат од 300-400 обучени лиценцирани водичи во планина кои заедно со туристичките агенции би можеле да креираат и реализираат квалитетни туристички производи. – изјави Костадин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, на прес конференцијата што се одржа денеска во Охрид.

Во Македонија се’ уште постојат субјекти кои спротивно на законот избегнуваат да ангажираат професионалци при реализација на аранжмани кои вклучуваат посета на планина, предупредуваат од Асоцијацијата на интернационални водичи во планина. 

– Точно е дека постојат одредени агенции кои заради пониска цена или други за нив познати причини ангажираат водичи кои не се сертифицирани и лиценцирани иако во законот за туристичка дејност јасно е нагласено дека за водење клиенти во планина потребно е водичот да има сертификат издаден од соодветна организација која издава лиценци за водич во планина. – вели Антонио Додевски, генерален секретар на МАИВП.

Интернационалната лиценца за водич во планина не може да се купи. Таа се стекнува со интензивна обука која трае до две години и се одвива под мониторинг на Меѓународната унија на интернационални водичи во планина – УИМЛА. Експерти на унијата кои деновиве престојуваат во Македонија, како проблем ја наведуваат недоволната опременост на македонските водичи и осигурувањето на посетителите на планина.

-Осигурувањето исто така е предизвик за Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, но она што ми се допаѓа е ставот на бордот на националната асоцијација која инсистира нејзините водичи да работат преку македонските туроператори кои го покриваат осигурувањето, што е исклучително значајно како за туризмот, така и за клиентите кои сакаат да ја посетат Македонија.-истакна Бил Бејли, претседател на техничката комисија на УИМЛА.  

Меѓународните експерти се воздржаа од коментар за несреќата на Кајмакчалан во која загинаа двајца млади планинари од Македонија, бидејќи истрагата за случајоит се уште трае. Од Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, најавија дека својот став ќе го соопштат откако ќе биде објавен целосниот извештај за настанот, и понудија експертска помош во расветлувањето на трагедијата. 

Г.М.