Пет негувателки кои биле со договор на определено време во охридската градинка „Јасна Ристеска“, од вчера не доаѓаат на работа. Имено, од страна на директорката на градинката им било кажано дека договорите завршиле и повеќе да не доаѓаат.

Во писмениот допис и реакција на негувателките, се наведува дека ваквата постапка не оди во прилог на претходно објавеното соопштение на министерството за труд и социјална политика, според кое: „226 работни места во детските градинки, на кои повеќе години се вработувал кадар на определено време, се трансформираат на неопределено време“.

Директорите и органите на локалната самоуправа работат самоволно, непочитувајќи ги препораките на Министерството. Ова соопштение е чиста манипулација со граѓаните и има цел да се замаглат очите на пошироката јавност. Се бркаат постојните работници, а на нивно место се вработуваат нови (блиски на партијата), со што воопшто не се отвараат нови места, туку само се заменуваат стари со нови работници, се наведува во дописот во кој се обвинува за политички реваншизам.

На ваквите обвинувања, секретарот на општина Охрид, Игор Бежовски, со краток коментар: „Ќе биде распишан оглас на кој ќе можат истите да конкурираат“.

Во објавениот допис на надлежното министерство беше наведено и дека е обезбедена согласност од Министерството за финансии и за нови 260 вработувања на неопределно време за што се обезбедени дополнителни средства со Буџетот за 2018 година во износ од 70.000.000 денари.

OhridNews