Нерасчистени тротоари по кои едвај се минува, како и пристапни улици кон повисоките делови од градот. Стариот дел од Охрид е речиси отсечен од останатиот дел- ова е билансот по завчерашните врнежи од снег во Охрид. Охриѓани се жалат дека тротоарите се едвај проодни.
– Живеам во централниот дел од градот, а утрово едвај стигнав до чаршијата. Тротоарите се полни со снег кој не е расчистен, само е натапкан и поради ниските температури се лизгави, едвај се минува. Полесно проодни се тротоарите единствено пред општинската зграда и централниот објект на детската градинка. Ако е вака во центарот на градот кој знае колку лоша е состојбата во периферните делови, вели наша сограѓанка.
Поплаки има и од страна на жителите од населбата Бараки, како и од стариот дел од градот кои велат дека буквално се отсечени од останатиот дел од градот. Пристапните патишта се неисчистени и тешко проодни, автомобилите блокирани, такси возилата го избегнуваат овој дел од градот.
Директорката од јавното претпријатие „ Охридски комуналец“, Елена Скрческа, вели дека нивите екипи добро се снашле со оглед на ситуацијата и расположливите ресурси со кои располагаат.
– Првиот дел од расчистување на снежните наноси се изврши во текот на минатите два дена. Од денес се расчистува онаму каде претходно не стигнаа нашите екипи да расчистат. Денес сме на терен заедно со вработените од сите јавни претпријатија кај населбата Бараки , се користи механизацијата по што се пристапува кон посипување со ризла и сол. Наредна фаза се активностите на дел од улиците „ Даме Груев“, „Мите Богоески“, околу малиот полигон и населбата „ Радојца Новичиќ“, вели Скрческа.
Скрческа информира дека синоќа до 22 часот се подигал снегот од чаршијата и градскиот плоштад.
– Им даваме приоритет на оние места каде највеќе се движат гостите и каде е предвидено да се одржи новогодишната прослава. По 22 часот синоќа се чистеше и улицата „ Кирил и методи“ на потегот до Горна порта, другиот дел денес ќе се чисти.Онаму каде стигнавме ги исчистивме тротоарите, денес чистиме од десната страна на булеварот „Туристичка“. Апелирам и граѓаните и вработените во фирмите да го исчистат просторот пред нивните објекти, вели Скрческа.
Се користат сите расположливи ресурси на јавното претпријатие, како и помошта од другите јавни претпријатија. Една градежна машина, две возила на кои се монтира нож, но кои се стари над 20 години.
Т.К.