Иако започна највениот штрајк во образованието и културата, вработените во образовните и кутурните установи и институции во општинава се на своите работни места но не ги извршуваат работните обврски.

Се штрајкува во детските градинки, основните и средните училишта, но и во културните установи.

Во градската библиотека додека трае штрајкот нема да се издаваат книги на читателите. Во Центарот за култура „Григор Прличев“ исто така се штрајкува но како што велат од тамошниот синдикат,ќе се одржуваат само настаните коишто се однапред најавени и договорени. Кон штрајкот се приклучија и вработените во охридскиот завод и музеј.

Во училиштата и учениците и наставниците се на своите работни места, но настава не се одвива. Учениците се поделени во своите мислења. Еден дел се свесни дека  изгубениот наставен материјал ќе треба да го надополнат, но има и такви ученици коишто сметаат дека принудниот одмор заради штрајкот им е добредојден.

Синдикатот во образованието, науката и културата бара зголемување на  надоместокот за хранарина за 20 проценти од просечната плата и регулирање на надоместокот за патарина во согласност со оддалеченоста на работниците  од работното место. СОНК бара потпишување на колективните договори до крајот на годинава, но и трансформација на договорите на вработените од определено на неопределено работно време.

Владата вчера предупреди дека воспитнообразовната работа не смее да се прекинува и апелираше до вработените да ја преиспитаат одлуката за штрајк, а во спротивно најави санкции и разрешување на директори.

Доколку Владата не ги разгеда барањата на вработените во образованието, науката и кутурата, од СОНК најавуваат дека штрајкот ќе се радикализира.

А.Р.