Доскорешните концесионери на плажите од Горица до Лагадин нема да се пријават и на повторениот оглас за издавање под краткорочен закуп на 10-те плажи на охридската ривиера, доколку не се променат условите за јавно наддавање. Според нив почетната цена на годишна закупнина од 80 денари за метар квадратен е превисока, а дополнителен товар претставува и банкарската гаранција во висина од 1 милион денари која тие треба да ја обезбедат.

-Ние очекувавме ако ништо друго барем да се намали цената и да се тргне банкарската гаранција, конкретно за плажите од Метропол до Елешец, кои се ставаат во иста категорија со градските плажи кои работат преку цела година, а ние само 40 дена во годината, изјави Илија Џепароски од плажата „Корали“.

Концесионерите на плажите кои не беа издадени под закуп на јавното надавање што се одржа на 18 април, бараат средба со министерот за транспорт и врски со цел да се постигне спогодба околу висината на закупнината, која според нив треба да изнесува како и досега – 40 денари за метар квадратен без банкарска гаранција.

Тие се жалат и дека државата им ги зголемила квадратурите на плажите, а во пресметките за закупнината влегуваат и уредените зелени површини кои порано биле депонии.

-Оние површини кои буквално беа ѓубришта и ја загадуваа животната средина ние ги средивме и сега ни се бара надомест за зелените површини кои не можат комерцијално да се искористат и тука не се врши угостителска дејност, посочува Џепароски, кој изрази надеж дека надлежните ќе го имаат предвид сето тоа.

До почетокот на туристичката сезона останува кратко време за подготовка, а концесионерите стравуваат дека доколку брзо не се реши проблемот голем дел од нив не ќе можат да се оспособат навреме.

-Се чудат и тур-операторите, веќе доцниме, но доколку се изнајде решение за проблемот ќе работиме и 24 часа ако треба за да ги уредиме и ги доведеме барем приближно во состојба како што беа, додаде Џепароски.

Тој упати апел до државата доколку не се издадат веќе уредените плажи под концесија истите да не се уриваат, туку слободно да ги користат граѓаните.

Како што е познато на јавното електронско надавање во средата што го организираше Министерството за транспорт и врски, од вкупно понудените 15 плажи на охридското крајбрежје, под закуп беа издадени само 5 плажи. За останатите државата на 19 април распиша нов јавен оглас под исти услови како и за претходното јавно надавање на кое не се пријави ниту еден заинтересиран субјект.

Горан Момироски