Ако не е пожар, тогаш е поплава. Глава не може да кренеме од проблемите кои се случуваат во некогашното дописништво на МТВ во Охрид, денес руиниран објект, кој се наоѓа на неколку минути од центарот на градот, велат револтираните мештани.

Последниот од низата проблеми кои, инаку, се провлекуваат со години, се случи денеска. Поради дефект на водоводната инсталација, објектот кој одамна е напуштен и оставен на забот на времето, плива во вода која блика на сите страни.

Соседите веднаш го известиле ЈП Водовод, од каде велат дека се запознаени со случајот, но проблем е тоа што дефектот е во внатрешноста на објектот, што значи дека истиот треба да го санира сопственикот. Кој е тој, од Водовод велат дека не знаат, поради што се бара начин како да се реши ситуацијата, но најверојатно тоа нема да биде пред понеделник.

Од некогашното дописништво на МТВ, денес останаа само голи ѕидови. Објектот многу пати беше ограбуван, опожаруван, а поради дотраената инсталација и поплавуван. Одговорност за уништување на ова, како и многу други јавни добра, нема.

Г.М.