На реконструкцијата на старата болница- хируршкиот блок се работи со полна пареа. Ниту станува збор за дивоградба, ниту пак има пропусти во текот на изведувањето на градежните работи, категорични се од Општата болница. Од таму велат дека станува единствено збор за бројни изнесени невистини кои во јавноста ги пласира мала група лекари, кои од почетокот грчевито се борат проектот за реконструкција да не успее.


Како здравствена институција, која пред се им служи на граѓаните, повеќе од три месеци трпиме ниски политички удари. Зачудува фактот што минатата недела, во врска со изведувањето на градежните работи освен од малата група лекари, беше изнесена и целосна дезинформација и од градоначалникот, што не му доликува како татко на градот. Прашуваме- дали со изнесувањето на паушални информации е против оваа болница и интересот на граѓаните, кај кои со тоа се создава несигурност. Го повикуваме барем еднаш да не посети, рече д- р Сашо Василески, потпаролот на Општата болница.

За потсетување, градоначалникот Александар Петрески, неодамна, на прес- конференција  изрази сомнеж дека активностите околу реконструкцијата на болницата течат според предвидениот план, односно дека тие се стопирани.


Василески уште еднаш потенцира дека градежните активности течат според предвиденото. – Активностите започнаа на 1- ви септември 2010 и согласно договорот меѓу владата како инвеститор и Европската унија, која преку кредит го финансира проектот, нема да траат подолго од 16 месеци. Се очекува новите простории да започнат со работа кон крајот на 2011, односно почетокот на 2012 година. Беше направена пауза од десеттина дена во градежните активности, единствено за новогодишните и божиќните празници. Завршени се активностите во однос на реконструкцијата во внатрешниот дел од објектот, а сега се работи на надворешниот дел, рече Василески.


Како што потенцира портпаролот на Општата болница, со реконструкцијата Охрид ќе добие најмодерна здравствена институција, согласно светските стандарди.

Т. Кувенџиска