Во текот на наредните две години неколку охридски улици ќе добијат нова фекална канализација. Ова е предвидено во рамки на „Програмата за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадна вода за 2014-2016 година “, која ја изготви Општина Охрид.

Според планираното, изградба на фекална канализација е предвидено за улиците „Сатеска“ и „Илинденска“, како и за дел од улиците „Железничка“ и „Коста Абраш“. Нова фекална канализација ќе биде инсталирана на дел од краците на улиците „Кирил и Методиј“ и „Охридска Бригада“. Реконструкција на системот за одведување на фекални води се планира за улиците „Јане Сандански“,  „Александар Гушо“, „Кочо Рацин“ и „Абас Емин“.

Освен градските улици, нова улична канализациона мрежа ќе добијат и селата Пештани, Подмоље, Долно Лакочереј и Горно Лакочереј како и населбата Елешец. Изградба на нова фекална канализација е предвидено и за неколку улични краци во селото Велгошти.

Со средства од Буџетот на Република Македонија ќе биде извршена втората и третата фаза од изградбата на уличната фекална канализација во село Лескоец, а со кредит од Светска Банка ќе биде изградена атмосферската канализација во населбата Воска.

Според двегодшната програма, нова атмосферска канализација ќе биде поставена на дел од улиците „7-Ноември“, „Ристо Чадо“, „Марко Цепенков“ и „Момчило Јорданоски“. Нов систем за одведување на атмосферски води ќе се инсталира и на еден крак од улицата „Димитар Влахов“ и на крстосницата на булеварот „Туристичка“ со улица „Бистрица“.

OhridNews