Погребни рамки, црни ленти и свеќи до нив. Ова се фотографиите од повеќемина амбасадори во земјава а кои се појавија на социјалната мрежа Имгур, пренесува „Телма“. 

Фотографиите се поставени пред околу еден ден но поради начинот на кој функционира оваа меѓународна мрежа за поставување слики и монтажи не може да се види кој ги закачил. На нив се препознаваат ликовите на американскиот амбасадор Џез Бејли, англискиот Чарлс Гарет, германскиот Кристине Алтхаузер, но и на Франција, Италија и Холандија. 

Освен амбасадорите свои посмртни фотографии на мрежата Имгур добија и поранешните медијатори во Пржинскиот договор, Питер Ван Хојте и европратеникот Ричард Ховит, актуелниот евроамбасадор во земјава Самоил Жбогар како и поранешниот Аиво Орав. Овие фотографии експресно започнаа да се шират и по социјалните мрежи Твитер и фејзбук, а дел од оние што ги споделуваат се со осуда, но дел со повик за линч. 

Дали ќе се истражува кој ги измонтирал и поставил некролозите на странските преставници кои деновиве будно ја следат состојбата, за сега одговор нема ниту од МВР ниту пак од обвинителството, објави „Телма“. 

OhridNews
извор: Телма“