Одржувањето на хигиената на крајбрежјето, особено на деловите кои не се издадени под концесија и натаму останува отворено прашање, кое според  надлежните треба да се затвори час поскоро. Според нив концесионерите додека трае туристичката сезона  се грижат за плажите, но потоа тие се оставени сами на себе. Сериозен проблем претставува и одржувањето на хигиената на магистралните патишта покрај кои исто така има големи количини  отпад и доколку надлежните институции заеднички и координирано  не преземат итни мерки, последиците по уигледот на Охрид може да бидат катастрофални, предупредува директорот на јавното комунално претпријатие „Охридски Комуналец“, Сашо Алче.

-Апелирам до сите надлежни субјекти да се седне на маса да се разговара, бидејќи во туризмот нема веќе импровизации, се мора да е беспрекорно чисто за да и догодина туристите кои што ќе дојдат ни бидат бесплатна реклама таму каде што ќе одат и ќе ја раскажуваат приказната за Охрид, а ако и понатаму  се случува ова што се случува верувајте од туристите што доаѓаат ќе имаме само лоши коментари.-изјави Алче.

Според Алче, согласно законот за јавна чистота за плажите кои не се издадени под концесија треба да се грижи државата, односно соодветните министерства кои стопанисуват со езерото и крајбрежјето.

-Според законот за јавна чистота оној што стопанисува со просторот е должен да обезбеди и услови за негово користење, а тоа на плажите кои немаат концесионери треба да го стори Република Македонија, односно Министерството за транспорт. Доколку тоа не може да го направи тоа тука сме ние, но нормално е тој што зема средства од издавање на плажите да ги плати услугите за одржување на слободните плажи, смета Алче.

Според него за да се подобри хигиената на крајбрежјето потребно е да се засилат контролите на комуналните инспектори, особено што одредени угостители и правни субјекти со години манифестираат самоволие и спротивно на законот не склучуваат договори за подигање и депонирање на отпадот, туку истиот несоодветно се третира и се одлага на јавни површини, што создава негативен впечаток кај граѓаните и гостите.

Неодамна „Комуналец“ во соработка со општината спроведе акција за чистење на плажите од Метропол до Лагадин од каде беа подигнати повеќе од 30 кубици најразличен отпад .

OhridNews