Просторот на кој се наоѓа Факултетот за туризам и угостителство од Охрид нема да биде пренаменет од образование во времено сместување, односно хотелско- угостителска дејност, како што првично се предлагаше со Нацрт Деталниот урбанистички план за овој дел од градот.

На денешното продолжение од 35- та седница, советниците дадоа согласност за нацрт ДУП за урбана заедница 2, дел од урбан блок 2.4 опфат 1, во кој и понатаму намената на овој простор ќе биде за образование.

Како што беше објаснeто од раководителот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, првичниот предлог за пренамена на просторот произлегол од потребата да се усогласи урбанистичкото решение за овој дел од градот со Генералниот урбанистички план во кој стои дека намената на овој простор е за времено сместување. – Сега останува со наредните измени на ГУП- от тоа да се промени и намената на просторот да остане за образование, истакна Арнаудоски.

Предложената пренамена на просторот за која првично се разговараше на седницата во месец јуни, предизвика бројни реакции и од страна на дел од советниците и од раководството и професорскиот кадар на Факултетот за туризам и угостителство. Поради тоа седницата беше прекината, а од факултетот изјавија дека предложеното решение е во спротивност со сите меѓународни стандарди и норми за лоцирање на факултети за туризам и дека има тенденција да ја уништи институцијата.

Ohridnews