Реконструкцијата на старото крило на општата болница, која неодамна беше стопирана, сепак ќе продолжи, информираат од министерството за здравство. Оттаму објаснуваат дека одлуката е донесена врз основ на изготвениот извештај од страна на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје, чии стручни екипи по барање на надлежното министерство, извршиле увид во каква кондиција се наоѓа објектот. Испитувањата покажале дека не постои потреба од целосно уривање на објектот, што беше наведено како можност по утврдените проблеми во однос на градежните активности кои претходно беа изведувани врз објектот.


Од министерството потенцираат дека заложбите се реконструкцијата да заврши согласно првично утврдениот рок од 16 месеци, од започнувањето на градежните работи.

Реконструкцијата на старото крило на охридската општа болница во кое беа сместени одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и уво, грло и нос започна во октомври минатата година.

Неодамна реконструкцијата на старото крило на болничкиот комплекс во Охрид беше целосно стопирана, поради утврдени отстапки во висината на објектот.

За реконструкција на охридската болница Министерството за здравство распиша меѓународен тендер, што го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, додека за изведувач на градежните работи беше задолжена скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, според проект на „Иванов инженеринг“ од Битола.

OhridNews