Оваа констатација на маргините на регионалната конференција “Енергија, развој, демократија” во Белгад, за состојбите на пазарот на енергија и топлина во државава ја изнесе Ана Стојиловска од невладината “Аналитика”, што се занимава со истражување на енергетската сфера и како дел од граѓанскиот сектор заедно со парламентарци, претставници на бизнис секторот и медиумите ја претставуваше Македонија на првиот форум на кој повеќе од 240 учесници од десет земји јавно дебатираа за подобра енергетска иднина на регионот на Југоисточна Европа.
Од конференцијата беше порачано дека нема економски развој без развој и вложувања во енергетската ефикасност, дека е неопходна заедничка регионална енергетска политика насочена кон користење на обновливите извори на енергија, како биомасата, термалните извори, сончевата и енергијата на ветрот и гасот, внимавајќи на заштитата на животната средина, на здравјето на граѓаните, кои треба подобро да се информираат и едуцираат како да заштедат енергија и да си обезбедат подобар живот.
Со примерите на Данска, Нордиските земји и Германија, идејата за “Зелена Европа” ги форсира такавиканите “чисти зелени технологии за обновливите енергии”, што е светски тренд. Поаѓајќи од мотото дека енергијата е крвотокот на нашата цивилизација, општеството и економијата, за стабилно снабдување со енергии, експертите потенцираа дека во регионот кој има потенцијали, неопходни се инвестиции и вложувања, изградба на инфраструктура, поврзување во регионални гасоводни мрежи, и приклучување на Македонија кон “Јужниот тек”.
-Ние сме обврзани кон Европската Унија со меѓународните договори што ги имаме потпишано и цената на струјата мора да расте и ќе расте, што се одредува од страна на регулаторната комисија за енергетика. Од една страна мораме да го таргетираме проблемот со енергетска сиромаштија, кој во Македонија е се поприсутен, што значи дека со основната плата и примања не можат да се покријат сметките за струја и останатите енергенси и топлината, што ги користиме, но од друга страна тој проблем може да се амортизира со примена на мерки за енергетска ефикасност, доста применливи и поволни за домаќинствата, преку подобрување на изолацијата на куќите и зградите, со употреба на обновливи извори на енергија, некои мали инвестиции како што се фото волтаици со соларните ќелии за користење на сончевата енергија и сл. – вели Стојиловска, истражувач од “Аналитика”.
На конференцијата што се одржа во парламентот на Србија во Белград, на која специјални награди добија музичарот Антоније Пушиќ, алијас Рамбо Амадеус и претседателите на Србија и Хрватска Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ, учествуваше новинарката од Охрид, Нина Кепеска.