Ниту речиси секојдневните засилени контроли на сообраќајната полиција не ја менуваат значително состојбата во сообраќајот кај нас. Огромната недисциплина резултираше викендов со стотина санкции за брзо возење во Охридско-струшкиот регион. Само во Охрид во текот на вчерашниот ден биле изречени 41 санкција за брзо возење, 42 во Струга и 16 во Кичево, информираат од СВР Охрид.

На 20.02.2022 година од 12 до 18 часот, на подрачјето на СВР Охрид извршени се засилени сообраќајни контроли при што, полициските службеници во Охрид, регистрираа 41 пречекорување на дозволената брзина од нив 16 надвор од населено место, 25 во населено место, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во Струга, биле затекнати 42 возачи кои возеле моторно возило со брзина поголема од дозволената, 6 надвор од населено место, 36 во населено место, а во Кичево евидентирани се 16 пречекорувања на дозволената брзина 2 надвор од населено место, 14 во населено место.

Против овие возачи преземени се соодветни законски санкции. Упатуваме апел до сите учесници во сообраќајот, доследно да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи а посебно, возачите на моторни возила да ја прилагодуваат брзината според поставената сообраќајна сигнализација и према условите и состојбите на патот, додава Димоски.

Речиси да нема ден, а да не бидат изречени казни за непочитување на правилата во сообраќајот, во голем број и по разни основи. Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, надополнето со лошата патна инфраструктура, се причина за големиот број сообраќајни незгоди во и надвор од градските средини. Последната што се случи ноќеска кај Подмоље беше фатална за 30-годишен охриѓанец.

OhridNews