На 30-годишниот Марјан Велјаноски од Охрид деновите за живот му се одброени, затоа што нема пари да го обезбеди потребниот лек кој единствено му помага во борбата против ракот на кожата од кој заболел пред две и пол години. Операцијата за отстранување на бемка кај пластичен хирург, без претходно да биде направена биопсија, наместо да биде рутинска, како што очекувале лекарите, предизвикала прогресија на рак кој брзо се проширил на лимфните жлезди, поради што за кус период бил подвргнат на уште три операции. Последната била неуспешна, по што му било понудено лекувањето да го продолжи со хемотерапија, што тој го одбил, затоа што дава минимални резултати кај меланом, што подоцна се покажало и во неговиот случај.

Борбата за живот Марјан ја продолжил во Словенија, каде лекарите предложиле испитување на брав мутација на ген, а подоцнежните тестирања во Македонија утврдиле дека е позитивен и може успешно да се лекува со „Вемуруфаниб“ таблети, со кои шансите за продолжување на животот кај болни од меланом се до 70%.

Нив ги нема на позитивна листа, а неделна доза чини 125.000 денари. Благодарение на хумани охриѓани и пејачот Боби Мојсоски кој организираше хуманитарен концерт, Марјан успева да собере околу 30.000 евра и да започне со лекување.

-Тумор маркерите ми беа 2.2.. Референтна вредност е 0, 100, а кај мене беше 2.200. После првиот месец земање на лекот тумор маркерот ми беше 0.074, значи постоело лек и за оваа болест.– вели Велјаноски.

Лекарите врз основа на резултатите заклучиле дека е неопходно да се продолжи лекувањето, но Марјан немал повеќе средства.

-Тие што беа собрани пари сите до денар ги дадов, успеав 3 – 3,5 месеци да го користам лекот, се исправив, бев нов човек. Кога немав средства јас ја прекинав терапијата и болеста ми се врати. – раскажува низ солзи Велјаноски.

За помош пациентот се обратил до министерството и Фондот за здравство од каде бил информиран дека лекот не може да му биде обезбеден.

„Во врска со барањето на осигуреното лице М.В. станува збор за набавка на лек кој не е на Позитивната листа на лекови. Би сакал да информираме дека Фондот нема, согласно членот 9-а од Законот за здравствено осигурување, начин и методологија за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Позитивната Листа на лекови кои паѓаат на товар на Фондот ја утврдуваат 14 стручни комисии формирани од Владата на РМ, а на предлог на Министерството за здравство, согласно меѓународната АТЦ класификација на лекови.“ – информираат од Фондот за здравство.

Марјан бил приморан да се врати на хемотерапија, по што не му се подобрила состојбата, и секојдневно трпи неиздржливи болки. Но овој татко на две малолетни деца вели дека најмногу од се го боли што државата не се грижи за тешко болните граѓани, посочувајќи дека лекот кој може да го спаси неговиот и животите на многу други луѓе, е на позитивна листа во некои соседни земји како Бугарија, Албанија, Словенијаи и во ЕУ. Прашува дали на Македонија и треба уште еден случај како со малата Тамара за да се променат состојбите во здравството, упатувајќи апел до надлежните да донесат одлука со која ќе спасат човечки животи:

– Јас сум при крај, немам што да изгубам. Но јас ако изгубам нека добијат другите луѓе, бидејќи лек има ама не се обезбедува, не се става на позитивна листа. – вели Велјаноски. 

Горан Момироски