И покрај најавите дека ќе бидат урнати сите нелегално изградени објекти, потпокриви и други доградби во заштитеното старо градско јадро, локалната самоуправа се уште не ја реализира акцијата која првично беше планирано да се изведе уште во 2009 година. Како причина за постојаното одлагање на акцијата се посочува недостигот на финансиски средства во општинската каса.

-Општината треба да обезбеди средства за уривање на нелегалните градби и потоа по судски пат да чека наплата од сопствениците, што е долга и скапа процедура, објаснуваат од Локалната самоуправа.

Иако не  прецизираат кога, од општината тврдат дека нелегално изградените објекти во заштитеното старо јадро на Охрид ќе бидат урнати, без оглед дали дотогаш ќе биде или нема да биде донесен Законот за легализација на дивоградбите.

-Незаконски изведените доградби во стариот дел на Охрид не можат да се легализираат со Законот за легализација на дивоградбите, бидејќи се работи за строго заштитено подрачје кое овој закон не го опфаќа, информираат надлежните во општината.

И додека за незаконски изградените потпокриви, тераси и други нелегални доградби во стариот град нема доволно средства, општината од неодамна почна да ги урива старите руинирани градби кои претставуваат опасност како за минувачите, така и за соседните објекти. Од 16 такви објекти 8 беа урнати од сопствениците, а останатите од страна на општината.

OhridNews